Со отворањето на Жена Центар ми се оствари сонот

53

Компанијата Medicus Help веќе долго време е присутна на македонскиот пазар и се занимава со дистрибуција на ортопедски помагала и производи за нега и хигиена, а има и оддел за зачувување и извоз на матични клетки. Во рамките на компанијата функционира Жена Центар, пријатно катче посветено на жените оперирани од карцином на дојка, каде можат да пробаат и да одберат помагало. Во центарот се сретнавме со Радмила Ханџиска, маркетинг менаџер во компанијата.

Радмила Ханџиска, маркетинг менаџер во Medicus help
Радмила Ханџиска, маркетинг менаџер во Medicus help

Бизнис Инфо: Кој проект ви е актуелен периодов?

Последново тримесечје активни сме на неколку полиња. Едно од нив, коешто го работиме секојдневно, правиме работилници по градинките на територија на град Скопје за подигнување на свест на проблемот рамно стапало. Значи, како резултат на повеќегодишно работење и искуство во работењето со ортопедски помагала, лоциравме сериозен проблем кај детската популација, а тоа е рамното стапало. Рамното стапало е причина за сите понатамошни деформитети на рбетниот столб и за жал, не се третира и превенира доволно. Откако ќе се појави, корекцијата е тешка, но превенцијата е многу едноставна. Активно вежбање, плански изработени вежби низ игра и забава се лекот за квалитетен живот. Токму затоа во моментов низ градинките во Скопје во соработка со стручни лица спроведуваме едукативни работилници за деца и родители, каде со помош на сетот за превенција сакаме да покажеме дека низ практични вежби на забавен, лесен и едноставен начин може успешно да се превенира појавата на рамно стапало.

 

Бизнис Инфо: Што содржи сетот?

Сетот содржи две полутопки и ролна со боцкава површина. Внатрешноста на полутопките и ролната е исполнета со воздух каде со вежбањето се совладува отпорот, а боцкавата надворешна површина предизвикува сензо-моторна стимулација. Кинезитерапијата на рамните стапала е единствениот начин да се овозможи превенција и трајна корекција на сводовите на стапалото. Се зајакнуваат мускулите и координацијата и балансот на телото, а сето тоа е одлична превенција од деформитетите на рбетниот столб (кифоза, сколиоза, лордоза) и колената.

Бизнис Инфо: Во Скопје веќе успешно функционира Жена Центар за жени оперирани од рак на дојка. Годинава ваков центар отворивте и во Приштина…

Со Жена Центар ми се оствари сонот. Најважна работа за една жена што оперирала гради е да се врати во нормално секојдневие, да и се врати самодовербата, да и се врати волјата за живот, да не запаѓа во депресија. По откривањето на карциномот следи период на операција, терапија, психички немир, губење на симболот на женственоста, губење на самодовербата, страв, несигурност и многу прашања без одговори. Ние несебично им даваме информации, сакаме да им посветиме должно внимание на потребите на жените, да поразговараме за можностите, да го одбереме потребното помагало. Во Жена Центар, со асистенција на обучен кадар, жената ќе може да го проба и точно да го одбере потребното помагало, како што се екстерни градни протези, ортопедски градници, ортопедски костими за капење, ракавици за лимфедема, прерики, турбани, чешли… Тука жените можат да се дружат, да разговараат, да разгледуваат специјализирани списанија, а потоа ги продолжуваат пријателствата и надвор од овие простории. Нема ништо подобро од тоа кога ќе видам во какво расположение влегуваат овде, а како потоа излегуваат со насмевка на лицето. Имаат визија за иднината.