Со овие акции најмногу се тргуваше на берзата во првиот квартал

118

Најтргувани акции во првиот квартал од оваа година беа акциите издадени од Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 17,3 милиони евра, покажува Кварталниот извештај на Комисијата за хартии од вредност.

Потоа следуваат акциите издадени од Алкалоид со вкупен промет од околу 9,2 милиони евра и акциите на НЛБ Банка со вкупен промет од околу 5,4 милиони евра.

Инаку, вкупниот промет реализиран со 10-те најтргувани хартии од вредност во првиот квартал од оваа година изнесува околу 44,7 милиони евра и претставува 66,09% од вкупниот квартален промет наспроти 50% учество во вкупниот промет во последниот квартал од минатата година.

Овој промет, како што се наведува во Извештајот, е реализиран преку 7.952 трансакции што претставува 87,61% од вкупните квартални трансакции во извештајниот период, за разлика од последниот квартал од минатата година кога овој сооднос бил 81%.

Во првиот квартал од оваа година, во споредба со истиот период лани, прометот остварен од класично тргување со акции бележи пораст од 230,79%, прометот остварен од класично тргување со обврзници бележи пораст од 35,98%, додека прометот остварен од блок трансакции бележи зголемување од 133,12%.

Во првиот квартал од оваа година, од вкупно 9.077 трансакции, 9.032 се склучени со класично тргување, а 41 како блок трансакции. Бројот на трансакции склучени преку класично тргување во првиот квартал од оваа година бележи зголемување од 114,28% во однос на нивниот број во истиот период од 2019 година. Од споредбата на бројот на блок трансакции пак, во двата период произлегува дека бројот на блок трансакции е исто во првиот квартал од оваа година и во првиот квартал од 2019 година.

Фото: Pixabay