Со новиот усвоен закон на Владата, со кој за помалку од една година треба да се решат застарените стечајни постапки, ќе бидат опфатени околу 300 стечаи.
Премиерот Никола Груевски денес изјави дека со законот ќе бидат решени сите стечајни постапки опфатени со законите од 1989 до 2011 година.
Тој појасни дека станува збор за специјален и еднократен закон затоа што за одредена стечајна постапка која се случила во минатото важи законот од тоа време, а не сегашниот закон за стечај, кој е работен по примерот на Данска.
“Сега правиме специјален и еднократен закон којшто ги опфаќа само овие стечаи кои ќе ги реши за помалку од една година и ќе ставиме крај на тоа минато, затоа што сега имаме еден од најсовремените закони и во иднина оние фирми кои ќе одат во стечај, ќе го прават тоа по многу современ закон којшто е правен по пример на данскиот. Очекуваме по најновиот закон стечаите да завршуваат не помалку од една година”, нагласи Груевски.
Тој информира дека на вчерашната седница е усвоен и закон за вонсудско спогодување којшто треба да биде втора шанса пред одење во стечај, односно обид за реогранизација на фирмата за таа да се спречи да оди во стечајна процедура.
Со законот за затворање на стечаите ќе се решат стечајните постапки во Типо, Маврово, делови од железара, МЗТ, Центро, Порцеланка, Кожарски комбинат Куманово, повеќе ЗИК комбинати, како и случајот Фиком, Самарија и други.
Двата закона во најскоро време ќе се најдат пред пратениците во Собранието на Република Македонија.