Со тунели ќе се намалува загаденоста на воздухот во Сараево

67

tunelГлавниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, повторно е едно од подрачјата со најголемо загадување на воздухот во регионот, а локалните власти планираат да градат тунели за барем делумно да се реши тој проблем, пишува Дневни аваз.

Планот е да се пробијат два тунели низ планината Иван во правец кон Мостар, преку кои ќе дојде свеж воздух во сараевската котлина.

Тунелите се предвидени и во планот за изградба на коридорот 5С. Проектот се совпаѓа со идеен проект осмислен уште пред 50 години, кога жителите на Сараево се гушеа во сулфур диоксид поради слаба или никаква циркулација на воздух, а пробивањето на тунели беше едно од решенијата за овој проблем.

“Дијаметарот на тунелите е предвиден за автопат и така ќе помогне за подобра циркулација на воздух. Знам дека оваа идеја за пробивање на тунели низ Иван планина постоеше и претходно и овој проект се поклопи со него”, вели Осман Линдов, професор на сообраќајниот факултет во Сараево.

Сараево се наоѓа на 500 метри надморска височина, опкружен е со високи планини и се наоѓа во котлина во која нема ветер. Поради таложењето на воздухот и температурните инверзии, концентрацијата на прашина и сулфур диоксид во сараевската котлина во зимските месеци е и до пет пати повисока од дозволената граница, што опасно влијае врз здравјето на луѓето.