Собра 100.000 долари за два часа и покажа колку е лесно да се измамат инвеститори во криптовалути

200

Голем број луѓе сакаат да заработат брзи и лесни пари „без мотика“, а сега тоа е подостапно од кога било. Преку социјалните мрежи може да се допре до бројни мали инвеститори кои често стануваат жртви на разни измамници – а колку е тоа лесно, покажа експерт за криптовалути и финансиски пазари, со прекар FatManTerra.

Експериментот успеа

Тој преку својот твитер-профил објави дека добил пристап до високопрофитабилна рударска фарма. Тој напишал дека вложил колку што можел, но дека останале уште места, па ги повикува заинтересираните да го контактираат. Најави дека приоритет ќе им се даде на „жртвите“ од падот на токенот UST, но не даде други детали за инвестицијата – имињата на инволвираните, видот и начинот на заработка и потенцијалниот профит. Сето тоа намерно го испушти. Се разбира, сето тоа беше лага.

И покрај ваквата оскудна покана и со оглед на тоа што има повеќе 100.000 следбеници на Твитер, неговите приватни пораки многу брзо беа преплавени од оние што се подготвени да инвестираат во неговата „шема“. За само два часа овој човек собра околу 100.000 долари за неговата лажна инвестиција. Набрзо јавно откри дека сѐ било само експеримент и на „инвеститорите“ им вратил сѐ што му платиле.

Тој го искористи овој случај за да им укаже на своите следбеници на лекомисленота на инвеститорите и да ги предупреди на слични подвизи при кои нема да им се вратат парите.

„Не постои нешто како бесплатен ручек. Нема високопрофитабилни инвестиции без ризик“, рече тој, нагласувајќи дека разни крипто-инфлуенсери, дури и со повеќе следбеници на социјалните мрежи, често рекламираат слични измами.


„Премногу е лесно да се измамат луѓето кога станува збор за криптовалутите, а тоа мора да се промени. Ако не разбирате од каде доаѓаат парите, луѓето ќе заработат пари на вас“, заклучува тој.