Социјалните претприемачи треба да размислат како можат да создадат конкурентска предност – само тогаш тие ќе бидат навистина успешни

323

Иднината на работните места, но и што донесе пандемијата за бизнисот, како се одрази врз работникот и какво е нејзиното влијание во трансформацијата на работните места. Ова е главниот фокус на четвртото издание на Форумот најдобри компании кое годинава ќе се случува преку онлајн на 15 и 16 април во Скопје.

Говорник на овогодишното издание на Форумот ќе биде и Ан-Софи Гунарсон од ИКЕА, Иницијатива за социјални претпријатија, Шведска. Таа ќе се осврне на природата на работа на социјалните претпријатија, кои, според неа, размислуваат долгорочно.

Во интервју за Бизнис Инфо Ан-Софи Гунарсон открива како започнува социјалното претприемништво и каква е улогата на големите бизниси (како ИКЕА) во нивниот развој, улогата на социјалното претприемништво во закрепнувањето на деловниот екосистем по Ковид-19 и колку пандемијата влијаеше врз плановите на компанијата која планира тројно да го зголеми бројот на работни места до 2025 година.

БИ: Како  социјалното претприемништво може да има клучна улога во закрепнувањето на деловниот екосистем по Ковид-19 и како е тоа во служба на луѓето и бизнисите?

За време на пандемијата, луѓето кои се ранливи и маргинализирани страдаат уште повеќе. Социјалните претприемачи се од суштинско значење во нивните напори да придонесат за поинклузивно и рамноправно општество, што е предуслов за одржлив раст. За да го постигнеме ова, треба да ги ставиме луѓето во јадрото и да го интегрираме социјалното влијание во бизнисот. Креативноста и размислувањето за изнаоѓање на решенија од социјалните претприемачи ќе доведат до нови деловни модели и придобивки на клиентите.

БИ: Кој е најдобриот начин за развој на овој сектор на економијата, како започнува социјалното претприемништво и каква е улогата на големите бизниси (како ИКЕА) во нивниот развој?

Нема решение што одговара на сите, бидејќи зависи од социјалните предизвици, деловните можности и во кој регион работи социјалниот претприемач. Сепак, можам да го споделам нашето искуство. Социјалното претприемништво започнува од интегрирање на социјалното влијание во деловниот модел. Ова, за возврат, ја насочува деловната идеја, понудата, моделот на организација, кого  регрутираат и каде го воспоставуваат своето производство.

Ние веруваме дека повеќе големи компании треба да ги интегрираат социјалните претприемачи и бизнисите во нивната понуда и синџирот на вредности. На овој начин, социјалното претприемништво може да се зголеми бидејќи социјалните претприемачи добиваат пристап до мрежата, пазарот и компетенциите. За возврат, деловните субјекти можат да им понудат на своите клиенти нешто уникатно што придонесува за социјални промени, што ќе го изгради нивниот бренд и ангажманот на соработникот.

Тоа е  Win-Win. Бидејќи ИКЕА го интегрира социјалното претприемништво во нашиот синџир на вредности од 2013 година, имаме учење и искуство. Нашите соработки доведоа до одржлив бизнис за нашите партнери, што значи дека тие можат да планираат проширување и да создаваат долгорочни работни места.

Колкав е повратот на инвестициите за Икеа, па оттука и вашата пракса да ги вклучувате социјалните компании во вашиот синџир на дистрибуција?

Ние ги следиме индикаторите за социјално влијание и редовните деловни KPI (Клучни индикатори на перформанси). Ние го мериме напредокот врз основа на индикатори на кои можеме да влијаеме на бројот на работни места за ранливи и маргинализирани лица и продадени производи (број на продадени производи) од социјални деловни партнери на ИКЕА.

Колку пандемијата со Ковид-19 влијаеше врз плановите на вашата компанија која планира тројно да го зголеми бројот на работни места до 2025 година креирани преку социјално претприемништво?

Ние не оценивме целосно дали и како пандемијата ќе влијае на нашата амбиција, бидејќи сè уште сме во средина на пандемијата. Нашиот фокус е да осигуриме дека нашите постојни партнери можат да управуваат и да обезбедуваат работа за своите вработени, и ние ги прилагодивме нашите работни рутини, т.е. да овозможиме повеќе занаетчии да работат од своите домови. Исто така, започнавме три нови партнерства во текот на 2021 година и две се во фаза на реализација.

Дали сте се соочиле со критики oд “обичен“ бизнисмен, кој ќе каже дека социјалното претприемништво е само губење пари или профит? Како одговарате на тоа?

Во рамките на ИКЕА, социјалното претприемништво е целосно интегрирано во нашата агенда за одржливост. И нашата агенда за одржливост е интегрирана во деловната агенда. Социјалното претприемништво е развој на нашиот бизнис и нашата понуда – краткорочна и долгорочна. Социјалното претприемништво е тука за да остане и колку повеќе успешни приказни можеме да споделиме, толку повеќе ќе расте социјалното претприемништво што за возврат ќе ги убеди дури и најскептичните засегнати страни. Сепак, во ова патување социјалните претприемачи треба да размислат како можат да создадат конкурентска предност – само тогаш тие ќе бидат навистина успешни.