Софтвер за вработување по грешка одбива милиони подобни кандидати

55

Софтверот, кој им помага на многу работодавци во Соединетите држави подобро да ги филтрираат биографиите на кандидатите за работа, по грешка отфрли милиони многу соодветни кандидати, покажуваат резултатите од студијата спроведена од истражувачи од Бизнис школата на Харвард. Овој феномен придонесува за проблемот на “скриените работници“ – поединци кои се способни и спремни да работат, но ја губат работата поради структурни проблеми на пазарот на трудот, пренесува The Verge.

Авторите на студијата идентификуваат голем број фактори кои го спречуваат вработувањето на луѓето, но посочуваат дека софтверот за автоматско вработување е еден од најголемите. Овие програми ги користат 75 проценти од американските работодавачи (или дури 99 проценти од компаниите Форчн 500), и беа усвоени како одговор на зголемувањето на бројот на дигитални апликации за работа од 1990 -тите наваму. Технологијата им помогна на луѓето да аплицираат за работа, но исто така им ја олесни на компаниите селекцијата.

Точната механика за тоа како автоматски софтверот погрешно ги одбива кандидатите варира, но генерално произлегува од употребата на премногу поедноставени критериуми за поделба на “добри“ и “лоши“ кандидати. На пример, некои системи автоматски ги одбиваат кандидатите со празнини подолги од шест месеци во нивните биографии без воопшто да прашаат за причината за ова отсуство. Можеби тоа е поради бременоста, затоа што се грижеа за болен член на семејството, или едноставно поради тешкотиите да најдат работа во рецесија…

Поконкретни примери наведени од еден од авторите на студијата, Џозеф Милер, вклучуваат болници кои примаа само кандидати со искуство во “компјутерско програмирање“, кога им беа потребни само работници за да внесат податоци за пациентите во компјутер.

Се чини дека прекумерната зависност од софтвер во светот на вработување создаде маѓепсан круг. Дигиталната технологија требаше да им олесни на компаниите да најдат соодветни кандидати за работа, но наместо тоа придонесе за прекумерен број кандидати. Пред десет години, просечното објавување оглас за вработување во компанија ќе привлече 120 кандидати, но до крајот на деценијата, тој број порасна на 250 кандидати по позиција, се вели во студијата од Харвард.