Соларните системи можат да обезбедат порентабилно производство за земјоделците

27

Денеска во Прилеп здруженијата ЛАГ Агро Лидер и Солар Македонија одржаа заедничка презентација пред фармери од Пелагонија на тема внесување на соларни системи и одржлива енергија во земјоделското производство во регионот. Со здружени сили, двете организации ќе работат на модернизација и зголемување на рентабилноста на фармите во регионот преку употреба на обновливи извори на енергија.

“Оваа иницијатива е во склоп на новиот проект кој ЛАГ Агро Лидер го спроведува. Проектот е насочен кон помош на земјоделците, особено фармерите и сточарите, преку воведување на нови советодавни услуги на терен,  до и финансиски услуги и услуги за развој на самите фарми со цел да се зголеми продуктивноста и пазарниот успех на македонските фармери.”  – изјави Марина Тошеска од Локалната акциска група (ЛАГ) Агро Лидер.

„Македонија е регион со можеби најдобри услови за искористување на сончева енергија од аспект на сончево зрачење, температурни зони и погодни сончеви денови.  Со цел подобрување на искористеноста на овој потенцијал, овој настан ќе ги промовира сите можности за внесување на сончева енергија во земјоделството како што се сончевите топлински колектори, фотоволтаични системи но и хибридниот систем кои дава и електрична и топлинска енергија во исто време”- изјави професорот Илија Насов, претседател на Солар Македонија. Тој додаде дека во Македонија постојат многу можности за добивање на финансиско олеснување при воведување на соларни системи, од IPA и IPARD фондовите до УСАИД и ЕУ,  но поволни партнерски кредити и други банкарски инструменти.

Настанот е поддржан од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем кој неодамна на двете здруженија им додели грантови за развој на работната сила и локалната економија.