Сорос инвестира во е-возила: Купил акции вредни 2 милијарди долари

Милијардерот Џорџ Сорос одлучи да инвестира во електрични автомобили.

Американецот со унгарско потекло овој август полни 92 години, но тоа не го спречува да продолжи да биде активен во бизнисот. Според проценките на Форбс, во 2022 година неговата нето вредност е 8,6 милијарди долари.

Сорос купи речиси 20 милиони акции на стартапот за електрични камиони, Rivian Automotive Inc., во кварталот што заврши на 31 декември, според податоците за хартиите од вредност, пренесува Ројтерс.

Станува збор за 19.835.761 акции, во тоа време вредни околу 2 милијарди долари. Купувањето го направи Soros Fund Management еден од најистакнатите инвеститори во компанијата, која допрва треба да произведе возило за широка употреба.

Се очекува Rivian, кој е 20% во сопственост на Amazon, да и обезбеди на компанијата за е-трговија повеќе од 100.000 електрични камиони.

Калифорнискиот стартап објави во декември дека очекува производството да падне во споредба со целта за 2021 година, поради ограничувањата во синџирот на снабдување.