Совети за (дигитален) маркетинг во време на пандемија

301

Светот во последните неколку месеци не се соочува само со здравствена, туку и со сериозна економска криза. Од моментот кога е прогласена пандемијата, огромен број на мали бизниси се соочуваат со потешкотии, па дури и си го поставуваат прашањето дали ќе можат да преживеат.

Новонастанатата ситуација бара брзо прилагодување, прифаќање на фактите, почитување на мерките и поголема флексибилност за многу животни навики.

Доколку и вашиот бизнис нема доволно силен “имунитет“ за да може да се избори со економските последици од пандемијата, тогаш мора да размислите за промена на стратегијата и прилагодување кон новите услови, ако сакате да продолжите со работа.

Фокусирајте се на постоечките клиенти и пуштете се во потрага по нови

Базата на секој бизнис се потрошувачите, па доколку нив ги нема, тогаш нема на кого да ги понудите производите и услугите што ги нудите. Затоа, и во вакви услови одржувајте контакт со клиентите, покажувајте им дека сте присутни, дека се грижите за нив и дека откако ќе заврши сé повторно се враќате на старите патеки со поголема кондиција. Во исто време, размислувајте како да им пријдете и на оние потрошувачи кои не се ваши клиенти.

Социјалните мрежи како силен сојузник

Имајте предвид дека луѓето сега имаат повеќе слободно време, па и повеќе се активни на социјалните мрежи. Со тој факт, може да направите стратегија со којашто ќе бидете повеќе присутни таму, ќе им овозможите интеракција, можност да ве прашаат нешто.

Променете го начинот на испорака на производите

Доколку досега не сте размислувале за тоа вашите производи да ги доставувате на домашна адреса на купувачите, веќе е време да го направите тоа. На тој начин, ја продолжувате комуникацијата со клиентите, им покажувате дека ви се важни, но и дека се грижите за нивното здравје. Доставата до дома може да ве чини повеќе, да ви создаде дополнителни трошоци, но во секој случај е подобра варијанта, одошто само да ги чувате залихите.

Вложувајте во дигитален маркетинг

Дигиталниот маркетинг ви помага да останете во чекор со конкуренцијата, да следите што прават тие, за да можете да бидете покреативни и подобри од нив. Со помош на достапните алатки, можете полесно да ја осознаете вашата целна група, нејзините карактеристики, преференции и навики при купување во вонредни услови.

Дигиталните канали ви помагаат да ја одржите комуникацијата со клиентите, потрошувачите, добавувачите, партнерите и во услови кога се бара социјална дистанцираност.

Вложувајте во маркетинг, не сега, туку веднаш

Иако многу компании сега се соочуваат со поголеми трошоци и намалени приходи, сепак експертите препорачуваат да се скратат непродуктивните одливи на пари и да се пренасочат кон маркетинг. Само така брендот ќе продолжи да “живее“ додека трае пандемијата, ќе ја одржува базата на клиенти и ќе создава услови за нови во догледно време. Стратегијата не треба да се сведе само на преживување на кризата, туку и на тоа што да се прави по нејзиното завршување.

Фото: Pixabay