Советот за регионална соработка имаше отворен ден за македонските граѓани  

22

Како дел од своите активности, чија главна цел е создавање еден милион нови работни места до крајот на оваа деценија во Југоисточна Европа, Регионалниот совет за соработка (РСС) одржа отворен ден во Скопје.

На информативниот пункт пред Градскиот трговски центар тимот на оваа институција ги анкетира граѓаните за квалитетот на нивниот живот, за можностите за просперитет во работата, за условите за напредување, како и за економскиот развој на целиот регион.

Граѓаните имаа можност да ги споделат своите ставови околу актуелните прилики во Македонија, регионот, бизнис климата и можностите за заедничко напредување.

“Советот за регионална соработка има за цел да им помогне на земјите од Западен Балкан побрзо и подготвени да влезат во Европската Унија. Во нашиот план прва цел е економската соработка меѓу државите. Кога зборуваме за големите инфраструктурни проекти, железничкото поврзување, енергетиката, патиштата, во овој дел можеме многу да направиме, но доколку соработуваме. Се трудиме на земјите од регионот да им помогнеме полесно да стигнат до фондовите на ЕУ. Ние мораме да направиме чекор напред. Нашата стратегија 2020 е да се отворат еден милион работни места во регионот до 2020 година. Ако се здружиме, можеме да успееме“, изјави Ненад Шебек, портпарол на Советот за регионална соработка.

Освен во Скопје, информативниот пункт ги посети и останатите главни градови во соседството. Регионалниот совет веќе ги слушна ставовите на граѓаните на Подгорица и на Тирана, а по Скопје, информативниот пункт ќе се реализира и во Приштина, Загреб, Сараево и во Белград.

Овој настан е замислен како двонасочна комуникација – пораките и ставовите на индивидуите ќе бидат снимени од  РСС и преку оваа институција ќе бидат претставени до нивните Влади.

Регионалниот совет за соработка (РСС) официјално функционира од 2008 година, како наследник на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа, со седишта во Сараево и Брисел, и е предводен од Горан Свилановиќ.