Space Walkers – основци се вицешампиони на First Lego League во Либан

33

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се сретна со членовите на тимот Space Walkers, по големиот успех и освоеното второ место на првиот меѓународен First Lego League настан, којшто се одржа во Либан. Станува збор за натпревар во едукативна роботика кој се одржува во повеќе од 98 земји, а оваа година учествуваат 40.000 тимови, стои во соопштението.

Министерот Манчевски го поздрави нивниот успех и како што истакна тој да се биде втор во толку голема конкуренција значи многу и за нив, но и за државата којашто поради Space Walkers е на мапата на најуспешни држави во областа на роботиката за деца. На средбата присуствуваа и претставниците од СТЕМ академијата во Скопје, кои се ментори на овој тим.

Децата го претставија својот проект и ги раскажаа импресиите од нивната посета на Либан и учеството на натпреварот. Tимот го сочинуваат: Јован, Марко, Симон, Иван, Габриел, Лука, Стефан, Мина, Матеј, Лео, Давид и се ученици од петто до деветто одделение во неколку основни училишта во Скопје.

Како што рече министерот Манчевски, Владата и МИОА, се на располагање за секој вид на поддршка, за учество и на други натпревари и нижење на уште поголеми успеси.

“Иднината на нашата земја се најмладите, а преку иновативни проекти од овој тип се развиваат младите умови и се поттикнува нивната креативност. Наша обврска и должност како држава е да им бидеме партнер и помош во тој процес“, рече министерот Манчевски.