SpaceX ја состави најголемата ракета во светот за патување во вселената

66

Американската компанија SpaceX ја состави најголемата ракета во светот, јави BBC. Поради висината од околу 120 метри сите претходни ракетни системи изгледаат како џуџиња во споредба со неа.

Двата сегмента на ракетата – горниот Starship и долниот погонски Super Heavy – беа споени во фабриката SpaceX во Бока Чика, Тексас.

Кога конечно ќе полета, ќе произведе двојно поголем потисок од ракетата што ги испрати луѓето на Месечината.

За поврзување на двата сегмента беше потребен масивен кран. Џинот стоеше составен во таа позиција еден час, а потоа беше расклопен.

SpaceX има уште неколку недели, или месеци на тестирање, пред првиот лет, веројатно до крајот на 2021 година. Извршниот директор Илон Маск рече дека спојувањето на ракетата е “остварување на сонот“.

Тој вели дека Starship, откако ќе биде завршена, ќе ги одведе луѓето на Месечината и Марс. Исто така, ќе може брзо да превезува луѓе низ целиот свет, а друга очигледна цел е поставување сателити во орбитата.

Во моментов најмоќната ракета во употреба е Falcon Heavy, исто така развиена од SpaceX. Falcon Heavy произведува потисок од 23 мегањутни при лансирање, а новата ракета треба да достигне потисок од околу 70 мегањутни.

Фото: Twitter