Спој на психологија и естетика, успешно решение за вашиот дом

320
DSCN0261
Ивана Николовска, архитект/продуцент на Ајде дома

Луѓето не треба да копираат, туку во своето опкружување да се обидат да остават свој печат, да се водат од личните желби и потреби.

БИ: Како дојдoвте до идеја за емисијата Ајде дома? Какви проблеми имавте од идеја до реализација?

Првата емисија од ваков тип ја гледав во 1992 година, се викаше Home Invaders и тогаш реков ако некогаш нешто правам од областа на архитектурата, би сакала да е нешто слично на ова. Кога се запишав на архитектура повеќе сакав применета уметност, нешто опипливо, нешто што може да се фати во рака, ентериери, отколку баш онаа класична архитектура. Искуството го стекнав со продукциски проекти како Кој сака да биде милионер? Рафинерија, Времето. Во 2006 реков дека е добро да ги спојам работите што ги знам, продукција, маркетинг, архитектура, тоа ми изгледаше како добра идеја. Најпрво мислев да бидам само продуцент на проектот, некој друг да биде пред камерите, но потоа најлогичното решение беше јас да го правам сето тоа. Најдов спонзори и стартувавме. Емисијата прво почна на Сител и по година ипол се префрлив на Алфа, каде што сум веќе три години. Досега имаме изработено околу 120/130 емисии.

1

БИ: Колку време треба за да се реализира една емисија од почеток до крај?

Тоа зависи од интервенцијата и од потребата на клиентот. Доколку клиентот мора многу брзо да се всели во станот, се случувало се да биде готово за 4,5 дена. Доколку на клиентот не му се брза, тогаш времето си го прилагодуваме како ни одговара. Генерално, за еден простор каде што треба да се направи целосно реновирање, потребно е месец дена. Базата на проектирање и договарање може да биде од 10 дена до две недели. Од целиот проект, 10% е фаза на проектирање, а 90% е се она што се случува на објектот. Работата е интересна, динамична и бара многу трпение.

3БИ: Дали клиентите се тешки за договарање?

Реално не се, не бараат многу. Им кажувам колку можат да добијат со средствата што им се на располагање. Или пак, врз база на проектот што го работиме, правиме пресметка и заедно со клиентот резимираме што е приоритет, што не е или што може да се замени доколку во пресметката има скапа варијанта. Јас најчесто се движам во тие буџети што заедно со клиентот ги воведуваме. На пример, многу влијае колку е стар станот и што се треба да се смени во него. Во градежниот дел секогаш препорачувам да не се штеди, а во однос на мебелот може да се направат калкулации, да не е скапо, но сепак да изледа убаво и интересно.

БИ: Како ги избирате клиенти?

Клиентот се јавува и ние прашуваме дали сака интервенцијата да биде во емисија или надвор од емисија. Откако ќе се изјасни, пополнува апликација. Таа останува само за мене, јас ја разгледувам, ги анализирам одговорите на прашањата. На крајот на апликацијата треба да се напише буџетот со кој располага клиентот за објектот. Тој дел е многу важен. За да се опреми еден стан од нула, под услов да е во нова зграда, ни требаат околу 150 евра од квадрат. Тоа е за некоја средна категорија за стан, односно тие што ги гледате во емисијата. Се над таа сума зависи од клиентот.

БИ: Има листи на чекање?

Да, има листи на чекање. Има јавувања, заинтересирани. Сега во моментов правам листи за октомври. Сезоната е завршена, па тие што сакаат интервенција мора да ја почекаат новата сезона. Имаме и работа надвор од емисија, во проектантското студио каде има доста интересни клиенти. Во студиото работат архитекти на објекти вон емисија. Во текот на годината можат реално во емисија да се направат 22 проекти, а надвор од емисија некогаш и повеќе од 20. Има уште еден сегмент на работење, тоа е проект каде што само им даваме консултанции на клиентите, тие го изведуваат сами, а ние ги водиме низ целиот процес.

4БИ: Дали сте правеле проекти и во други градови?

Да, сме работеле на проекти во Битола, Струмица, Охрид, Тетово… токму сега работам на една куќа во Тетово.

БИ: Има ли трендови во уредувањето на домот, во ентериерот, на пример бои, материјали...?

Никогаш не сум наклонета да кажам дека нешто е во тренд или трендовски, затоа што се зависи од сензибилитетот на клиентот. Денес се толку измешани стиловите, се и сешто може да се искомбинира, но се разбира умерено и со вкус. Си давам слобода да му кажам на клиентот ако уредувањето на просторот што го замислил нема да изгледа добро, некогаш им дозволувам да си ја увидат грешката, па потоа преправаме. Гледам секогаш да бидам искрена со нив без разлика што сакаат. Моја работа е да ги водам низ процесот и да им кажам што е добро а што не, што одговара со нивниот начин на живот. Се случува понекогаш и луѓето да не си го знаат својот стил. Самата моја работа бара искуство со луѓе, односно умешност да препознаам што сакаат и што најмногу ќе им одговара.

БИ: Што ќе ги посоветувате оние кои размислуваат да уредуваат или реновираат нешто во својот дом, на што треба да внимаваат?

Најпрво да почнат да разгледуваат на интернет, да си направат една папка со ентериери коишто им се допаѓаат и потоа да заклучат од целокупниот избор што е тоа што се повторува. Токму тоа треба да го применат во ентериерот, било да е тоа боја, огледало, некој детал. Треба многу да се обрне внимание при избор на мебелот, односно димензионирањето на мебелот. Димензиите мора прецизно да се измерат. Плочестиот мебел (кујна, комоди) да се движи во неутрални и смирени бои за да можат бојата на ѕидовите, тепихот, завесите, да ги менуваат како што сакаат подоцна. Затоа и јас секогаш гледам целиот плочест мебел да е светол. Луѓето не треба да копираат, туку во своето опкружување да се обидат да остават свој печат, да се водат од личните желби и потреби. И уште нешто што е многу важно е да знаат до каде им е џебот, да се направи пресметка и да не се излегува од истата. За тоа што е испланиран буџетот, за тоа и да биде искористен.

2

БИ: Какви ви се плановите за во иднина?

До крајот на септември сакам со моите партнери, спонзори кои што се производители, да направиме Ајде дома сериски индустриски мебел. Мислам дека од досегашново искуство, кое го имам доволно, можам да извадам парчиња коишто ќе бидат лесно применливи во многу простори. Тоа е мојата идеја, еден вид онлајн продавница.