Spotify го гради својот имиџ рекламирајќи се преку фудбалот – потпишаа голем договор со Барселона

75

Камп Ноу, еден од најпознатите фудбалски стадиони за кој слушнале дури и оние кои не се љубители на „најважната споредна работа на светот“, го менува своето име. Ова не би било новост за технолошки портал, доколку стадионот на шпанскиот клуб не го носи името на најпопуларната платформа за стриминг – Spotify Camp Nou.

Имено, Spotify и ФК Барселона постигнаа договор со кој шведската компанија станува главен спонзор на клубот и официјален стрим партнер. Нивниот бренд на тој начин ќе се појави во името на стадионот, но и на претстојните женски и машки дресови и маички за тренинг.

„Горди сме што објавуваме вакво партнерство со светски позната организација како што е Spotify. Ова партнерство ќе ни овозможи да продолжиме да го приближуваме клубот до своите навивачи и да ги натераме да се чувствуваат уште повеќе како дел од семејството на Барса“, изјави Жоан Лапорта, претседател на ФК Барселона.

Договорот е одобрен и потпишан од Управниот одбор на клубот, но се уште се чека ратификацијата на вонредното собрание на членовите на делегатите, кое ќе се одржи на 3 април. Се претпоставува дека нема проблеми со „поминување“, бидејќи шпанскиот клуб е во големи долгови, пишува „The Verge“.

Партнерството наводно вреди околу 310 милиони долари. Но, според шпанскиот портал „СПОРТ“, можело да вреди повеќе доколку клубот има поголем процент на регистрирани навивачи. Се проценува дека само околу еден процент од 350 милиони навивачи на клубот се регистрирани.

„Мисијата на Spotify е да го отклучи потенцијалот на човечката креативност, да ги поддржи уметниците да живеат од нивната уметност и да се поврзат со обожавателите. Сметаме дека ова партнерство создава многу можности за исполнување на оваа мисија на уникатни, имагинативни и импресивни начини“, заклучи Алекс Норстром, главниот Freemium бизнис директор на Spotify.