Француската архитектонска компанија ANSKA претстави алтернативно решение за одржување на спортски настани. Spots е серија на привремени пловни платформи што ќе се постават на водена површина каде може да се одржуваат мали настани за Олимписките игри во 2024 година, а овие модуларни системи може лесно да се монтираат или расклопат и да се постават на друго место, пишува ArchDaily.
Пловните платформи ќе се постават на реката Сена, доколку Франција биде домаќин на Олимпијадата во 2024 година, но и на други места во градот каде што има вода.
Платформата може да служи како сцена за одржување на спортски манифестации, мини концерти, инфо центри или изложбен салон.
Во зависност од ширината на реката во одредена зона платформите може да бидат одвоени од брегот и да делуваат како мали острови.
Освен Париз, кандидати за одржување на Олимписките игри се Лос Анџелес и Будимпешта, а Меѓународниот олимписки комитет во септември оваа година, на конгрес во Лима ќе одлучи кој ќе биде организатор на игрите.