Squid Game донесе 900 милиони долари на Netflix

102

Корејскиот хит Squid Game ќе создаде вредност од речиси 900 милиони долари за Netflix, пишува Блумберг, повикувајќи се на внатрешни документи. Износот го нагласува ефектот за кој е способен дури и еден мегахит, коментира изданието.

Squid Game се издвојува и по популарноста и по ниската цена на снимање. Корејската серија за задолжени ликови што се впуштаат во опасна игра со огромна парична награда генерира вредност од 891,1 милиони долари – метрика што компанијата ја користи за пресметување на перформансите на поединечни наслови.

Снимањето чинеше само 21,4 милиони долари.

Во првите 23 дена од објавувањето, Squid Game ја гледаа (за најмалку две минути, според метрика на Netflix) 132 милиони луѓе, со што е рангирана на првото место во каталогот на Netflix. Компанијата проценува дека 89 проценти од луѓето кои почнале да ја гледаат, останале пред екраните најмалку 75 минути (повеќе од една епизода), а 66% (или 87 милиони луѓе) ја гледале целата серија. Севкупно, луѓето поминаа 1,4 милијарди часови гледајќи ја.

Деталите најверојатно ќе ги израдуваат инвеститорите на Netflix, кои го враќаат ентузијазмот за платформата за стриминг по неколку тешки месеци. Во првата половина од годината, компанијата објави најбавно темпо за привлекување нови претплатници од 2013 година, обвинувајќи ја пандемијата, што го одложи создавањето на нови производи.

Акциите се зголемија за 7 проценти од 17 септември, кога излезе Squid Game, вреднувајќи ја компанијата на 278,1 милијарди долари.