Србија: Плаќање сметки со систем за препознавање лица

18

Фото: Pixabay

Граѓаните на Србија од март оваа година ќе може да плаќаат сметки со помош на систем за препознавање лица (face recognition system), најавува гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, пренесе Политика.

Народната банка на Србија планира во првиот квартал од оваа година да пушти нова услуга, којашто е дел од решението за инстант плаќања.

“Ќе биде возможно преку Skype или визуелно идентификување на клиентите да се вршат плаќања. Тоа ќе биде револуционерен новитет како дополнување на инстант плаќањата. Иако сме подготвени да започнеме веднаш, мора да почекаме нова евалуација за напредокот на Србија во смисла спречување на перење пари за да може оваа нова услуга да ја пуштиме во промет“, вели Табаковиќ.

Точниот датум кога граѓаните ќе може да почнат да ја користат оваа услуга ќе се знае на 23-ти јануари.

Плаќањето со телефон, таблет или преку Skype не бара нови технички решенија, ниту банките ќе ги чини пари. Системот, како што вели гувернерката, ќе биде безбеден за корисниците, како за заштита на личните податоци, така и во смисла за можна злоупотреба за “перење пари“.