Србија повторно воведува мораториум на кредити?

58

Сите рати за кредит што ги имаат компании и граѓани во Србија, повторно ќе може да се стопираат од први август, дознава српски Блиц.

Според нивните информации, тогаш на сила стапува нова одлука за мораториум којшто, според најавите, би требало да трае барем два месеци.

“Сите дополнителни детали би требало да се усвојат на вонреден состанок на Извршниот одбор на централната банка во понеделник, кога на јавноста ќе ѝ бидат соопштени комплетно нови мерки“, потврдуваат за Блиц од српската централна банка.

Можноста за ново стопирање на месечните рати за граѓаните и компаниите по сите кредити и лизинг договори ја најави и српскиот претседател, Александар Вучиќ, а е во рамки на вториот пакет државна поддршка.

“Преговорите со Народна банка на Србија се во тек, а се оди на тоа да се овозможи мораториум на барем уште два месеца“, рече Вучиќ.

Во рамки на првиот пакет за поддршка на економијата, мораториум на сите видови на кредити траеше три месеци, а мерката ја искористија повеќе од 94% од должниците. Мораториумот автоматски им се одобруваше на сите корисници на кредити, а оние кои сакаа да продолжат со редовна отплата мораа да се јават во својата банка.

Ваква мерка беше воведена и во нашата земја, како одговор на кризата што ја предизвика пандемијата на коронавирусот.

Фото: Freepik