Средба Бесими – Ал Суади: можност за инвестиции во клучни области предвидени со Планот за забрзан економски раст

16

 Можностите за инвестиции во значајни крупни проекти во земјава денеска беа разгледани на состанок на министерот за финансии Фатмир Бесими со генералниот директор на Фондот за развој на Абу Даби, Мохамед Саиф Ал Суади како и со директорот за инвестиции во Фондот, Рашед Алкаби. Состанокот, иако беше планиран да се одржи во Дубаи, се реализираше онлајн, согласно антиркизните мерки за кратање на трошоците во услови на криза.

Министерот Бесими го презентираше Планот за забрзан економски раст, кој како што рече, предвидува зголемување на јавните и приватни инвестиции во голем број приоритетни области, како дигитализација, зелена агенда, човечки капитал, иновации и технолошки развој и физичка инфраструктура. Планот за забрзување на растот ќе игра клучна улога во поттикнувањето на работните места и растот на економијата на Северна Македонија.

„Министерството за финансии и Владата имаат амбициозна, но остварлива цел да го поддржат економското закрепнување и забрзаниот раст. Заложбите се насочени кон постигнување двојно повисоки стапки на економски раст, чии придобивки ќе ги почувствуваат што поголем број граѓани и од кои корист ќе имаат и сегашните и идните генерации”, истакна министерот на средбата.

Од Фондот за развој изразија интерес за вклученост во финансирањето на проекти, особено во делот на земјоделството и туризам. Двете земји имаат потенцијал за интензивирање на соработката, особено во областа на земјоделството, туризмот, инвестициите, енергетиката, градежништвото и слично.

Фондот за развој на Абу Даби, како еден од позначајните инвестициски фондови во светски рамки, финансира стратешки развојни проекти преку обезбедување заеми на владите на земјите во развој, помагајќи им да ги постигнат своите развојни цели и приоритети. Нивниот капитал за инвестиции се проценува на повеќе милијарди долари. Повеќето проекти се фокусираат на сектори во областа на транспортот, домување, земјоделство, енергија, вода и индустрија заедно со социјалните услуги, образованието и здравството. Покрај тоа, Фондот има директни инвестиции во различни компании и приватни портфолија во партнерство со јавниот и приватниот сектор, поседувајќи акции кои се движат од целосна или делумна сопственост. Учествува и со индиректни инвестиции на пазарите на капитал преку депозити и обврзници.