Српски старт – ап создаде природна замена за стиропор

67

woobox-facebook

Фото: Facebook

Српскиот старт – ап No more Styrofoam создаде природна замена за стиропорот, којшто се користи за транспорт на прехранбени производи. Станува збор за The WooBox, кутија направена од дрво и природно обработена волна што е замислена како здрава алтернатива за стиропорот, пишува Startit.rs.

Идејата на тимот е WooBox во иднина да биде најсоодветниот начин за транспорт на свежи намирници. Нивната кутија не влијае негативно на луѓето и околината, а и целосно може да се рециклира. Исто така, има и термоизолациони својства бидејќи волната обезбедува изолација, го прочистува воздухот, ја регулира влажноста, со што храната не го менува својот квалитет.

Освен еколошката предност, WooBox е практичен и погоден за испраќање на поголема количина на храна на поголема оддалеченост. Дрвените шини на кутиите лесно се вклопуваат една во друга, со што нудат различни начини на пакување и чување. За разлика од стиропорот, којшто е за еднократна употреба, WooBox може да се користи повеќе пати.

Оваа кутија се најде и на глобалната платформа за групно финансирање, Indiegogo, од каде што бараат поддршка од 50.000 долари. Кампањата трае уште 22 дена.