ССК: Исплатата на регрес за годишен одмор во приватниот сектор е задолжителна до крајот на годината

23

denari-1

Исплатата на регресот за годишен одмор воспоставена со ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството е задолжителна за работниците и истата треба да се реализира до крајот на годината, соопштуваат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССК).

ССК заедно со Организацијата на работодавачите, со потпишување на Спогодбата за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството во 2013 година го уредија правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор.

Регресот за годишен одмор, како што се наведува, е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите – ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено  со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле.

Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци. Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач  може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор.

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината. Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.

На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор од ССК укажуваат дека можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права.

Службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва низ Републиката за своето членство обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос.

За неодговорните работодавачи кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ, Кривичниот закон предвидува затворската казна до една година.