ССК: Нови средства за иновативни проекти од ЕИБ

25

sojuz-na-stopanski-komori-na-makedonija

Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) како дел од Регионалната иницијатива на Европската инвестициона Банка и Европскиот инвестиционен фонд, информира за можноста за учество на македонските компании во искористување на најновите финансиски инструменти за поддршка на иновативни бизниси на Европската инвестициона банка (ЕИБ), во делот на поддршка на мали и средни претпријатија (МСП), наменет за земјите од Западен Балкан.

Станува збор за InnovFin – финансии на ЕУ за иноваторите – заедничка иницијатива лансирана од страна на европската група на инвестициона банка (ЕИБ и ЕИФ) во соработка со Европската комисија преку Хоризонт 2020 година. InnovFin се состои од серија на интегрирани и дополнителни алатки за финансирање и советодавни услуги понудени од страна на ЕИБ групата, со цел поддршка на инвестиции од најмалите до најголемите компании.

“Она што е важно за Македонија и компаниите од нашата земја е дека регионално активностите на ЕИБ се прошируваат со фокус на компании со иновативни проекти. Поточно утврдени се и категоризирани се неколку сегменти за финансирање: банки и финансиски посредници, средни и големи иновативни бизниси, како и големи истражувачки и иновациски проекти коишто произлегуваат од универзитетите и истражувачките организации. Исто така, финансиски средства се издвоени и за пилот проекти во областа на обновливите извори на енергија, проекти за вакцини, лекови, медицински и дијагностички уреди. Понудени се и советодавни услуги за компаниите кои инвестираат во иновации за да можат да бидат подобро подготвени за пристап до финансирање од ЕИБ“, изјави Митко Алексов, извршен директор на Сојуз на стопански комори на Македонија и додаде дека заедно ЕУ и ЕИБ планираат да ја удвојат заедничката поддршка за истражување и иновации во Европа до 2020 година, со што достапни ќе бидат повеќе од 24 милијарди евра.

Од страна на ЕИБ директното финансирање ќе се однесува само за поголеми проекти кои се со вредност помеѓу 15 и 20 милиони евра.

“Финансирањето на мали и средни компании или обезбедување на потребни гаранции од страна на ЕИБ ќе се одвива преку финансиските институции, поточно банките. Така, во следниот период банките треба да планираат и да се концентрираат на иновативни компании и проекти. Доколку постои дилема дали одредена компанија е мала или голема, можат да се обратат до ЕИБ и да се направи евалуација“, изјави Алексов.

ЕИБ е веќе присутна во Република Македонија, со кредитната линија којашто се спроведува преку МБПР и до сега се ефектуриани четири транши во вкупна вредност од 350 милиони евра. Оваа линија беше на барање на компаниите членови на ССК и почна да се спроведува како дел од антикризните мерки.