Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) оценува дека штетите на бизнисмените од спуштањето на рампата на македонско-косовската граница се евидентни и кај двете засегнати страни и тоа ќе се одрази врз компаниите.
Од ССК се надеваат дека наскоро ќе биде надминат спорот и дека штетите нема да бидат големи.
“Веќе се прават одредени пресметки, но во моментот не би сакал да шпекулирам со конкретни бројки. Тоа ќе зависи од времетраењето на воведеното еднострано ембарго од косовската страна. Веќе е најавено дека во следните 48 часа ембаргото ќе се симне на производи од Македонија за увоз во Косово. Се надеваме дека така и ќе биде, а тоа се совпаѓа и со 15 септември кога и Македонија треба да ја укине мерката за условен увоз на брашно. Така што сметаме дека односите ќе се регулираат и дека штетите нема да бидат толку големи затоа што станува збор за одредени производи кои би можеле да седат на залиха една недела”, изјави денес Митко Алексов, извршен директор на ССК.
Тој смета дека сето она што се случува е лош сигнал за странските инвеститори затоа што секој инвеститор сака слободен проток на стока и капитал.
“Сите сме многу мали земји така што кој и да било странски инвеститор не таргетира како регион. Во случај некој веќе да донел одлука или да планирал инвестиција во Македонија, Косово, Албанија или во Србија, сметам дека ќе подзастане со инвестицијата или ќе ја одложи што ќе претставува штета за стопанствата на нашите земји. Ние треба да докажаме и да покажеме дека овде постои поволна бизнис клима и можност за слободен проток на стока, луѓе и капитал”, нагласи Алексов.
Рампата на граничните премини Блаце и Јажинце е спуштена веќе 4 дена, откако Косово изминатиот викенд забрани увоз на македонски производи, на што македонските власти одговорија со наплаќање на такси за влез на косовските граѓани и возила.