ССМ и ОРМ се договорија од 2014 да се исплаќа К-15

38

denari Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) договорија исплата на регрес за годишен одмор на работниците во приватниот сектор од областа на стопанството.
Висината на т.н. К-15 ќе изнесува најмалку 40 проценти од просечната нето-плата по работник исплатена во последните три месеци.
Ова е една од измените во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството што денеска го потпишаа ССМ и ОРМ.
Во Општиот колективен договор е предвидена и можноста на ниво на дејност да се утврди и повисок износ на регрес од оној утврден во договорот.
Општиот колективен договор ќе важи од почетокот на 2014 година во следните две години.

Се до потпишувањето на денешната спогодба, правото на регрес за годишен одмор не беше прецизно уредено. Досега, висината на регресот се утврдуваше со колективен договор на ниво на дејност, а во спротивно ова право остануваше само како право напишано во Општиот колективен договор, но реално беше неостварливо за голем број работници. Праксата покажа дека во претпријатијата каде не постои синдикално организирање и колективно договарање, работниците не беа во можност да го остварат ова право.
“На овој начин Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи покажаа дека и во најтешките услови, врз основа на чувство за одговорност и обврска успева да ги реализира своите програмски цели и определби кои долг период не беа јасни”, изјави претседателот на ССМ Живко Митревски по потпишувањето на договорот.

Според претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, идејата да се пристапи кон измени на Општиот колективен договор не била да се намалуваат или зголемуваат работничките права, туку да се прецизираат одредбите кои во изминатиот период биле различно толкувани.

“Општиот колективен договор на овој начин го правиме јасен и разбирлив за сите, а голем ефект ќе биде тоа што ќе се намалат непожелните работнички спорови во кои губевме сите, и работниците и работодавачите”, истакна Димитров.

Покрај утврдувањето на регресот за годишен одмор, со измените на Општиот колективен договор уредена е и одредба за забрана на секаков вид вознемирување на работното место и пропишано е дека претставникот за безбедност и здравје го избираат вработените од своите редови на синдикален собир на предлог на Синдикатот.