Стагнира потрошувачката на струја поради забавената активност на големите комбинати

25

Потрошувачката на електрична енергија во Македонија стагнира или малку се намалува, не заради забавување на целата економија, туку поради забавената активност на големите комбинати, изјави претседателот на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) Кочо Анѓушев, пренесе Миа.

Тој смета дека целата друга индустрија да работи, ако Фени и Југохром застанат со работа или работат намалено, тоа значително ќе се одрази врз вкупниот биланс како намалување на потрошувачката на електрична енергија.

“Зголемувањето или намалувањето на потрошувачката во голема мера ќе биде детерминирано од работењето на овие два големи металуршки комбинати. Ако работат во целост, очекувам да има зголемување на потрошувачката, а ако работат како што е најавено, односно Југохром да не работи, а Фени да работи само со една линија, тогаш ќе има намалување на потрошувачката. Фени, Југохром и Макстил имаат значително влијание во целокупната потрошувачка, на нив отпаѓаат околу 20 отсто од вкупната потрошувачка во државата па нормално, нивната активност или неактивност се одразува врз потрошувачката и од тој аспкет е многу дискутабилно дали ќе работи Југохром или не или дали Фени ќе работи со полна снага, со двете линии, или само со една, како што работи денес“, истакна Анѓушев.

Ако потрошувачката остане на ниво на оваа година или се намали 2%, тогаш увозот, оцени, ќе биде околу 30%, а домашното производство 70%. Ако, пак, металургиските комбинати работат со полна сила, домашното производство ќе остане на исто ниво, а увозот ќе расте значително, до 40%.

Како што дополни, производството во термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј бележи континуирано намалување последниве години, хидроелектраните произведуваат колку што дозволува хидрологијата, а според Предлог – енергетскиот биланс, гасната електрана Те – То ќе произведува значително повеќе, но тоа повторно ќе зависи од пазарните услови, односно од разликата во цената на струјата и гасот.

“Обновливите извори на енергија кои пред неколку години беа 0%, а денес се 6% до 7%  од енергетскиот биланс, не се доволни да го супституираат производството на термоелектраните. Може да ја ублажат ситуацијата и се добредојдени, но мора да се најде начин термоелектраните да произведуваат со полна сила“, посочи Анѓушев.

Проценките велат дека цената на струјата на светскиот пазар до година се очекува да биде стабилна и на речиси исто ниво како во 2016-та.

Одговорајќи на новинарско прашање, Анѓушев рече дека домаќинствата трошат исто, без поголема разлика и во овој сегмент промените не зависат од глобалните процеси, туку од тоа колку зимата е студена или топла. Најдобро би било, сугерираше, гасот да се доведе директно до домаќинствата зашто така и ќе се искористи максимално, до 96%, наместо најпрво да се трансформира во електрична енергија (случај во кој искористеноста е максимум 60%).