Доколку имате 30.000 евра и сакате да купите стан, тогаш за тие пари во Скопје ќе може да си купите еднособен стан од скоро 30 метри квадратни. За истиот тој износ, во Куманово ќе може да купите стан со двојно поголема квадратура. Ова го покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини за третиот квартал лани, пренесува МИА.
Во периодот јули – септември лани на целата територија на државава се продадени 674 новоизградени станови, за 195 повеќе во однос на вториот квартал. Статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности покажува дека во државава има 6.368 непродадени нови и станови коишто се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од вториот квартал, во третиот има зголемување на непродадените станови за 615.
Податоците од катастарот покажуваат дека се издадени 11.950 листови за предбележување на градба што укажува дека тие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности. Најмногу продадени станови има во Општина Карпош 239, зад која следат Аеродром со 213, Центар со 142, Охрид и Кисела Вода со по 123, Чаир со 102, Битола и Куманово по околу 80.
Од продадените најскапи се становите во општините Карпош и Центар, каде е постигната просечна цена од 60.398 односно 59.865 денари за метар квадратен. Меѓу поскапите се и становите во Аеродром, односно во третиот квартал за метар квадратен во просек се плаќало по 50.739 денари, Кисела Вода со по 46.571 денар, Гази Баба со по 45.000 денари. Во Битола цената на метар квадратен изнесувала 33.897 денари, во Струга 32.214, во Струмица 31.502, во Кочани 30.080. Под овој износ односно по 28.730 денари и 26.780 денари чинел метар квадратен во Куманово и во Штип.
Од вкупни запишаните 317.084 станови во Регистарот на цени и закупи во Скопје, 64.301 се под хипотека, односно 20,28%. Приближно 20% од становите под хипотека се и во Неготино, 16% се со таков статус во Гевгелија, 14% во Кавадарци, 12% во Битола и Штип, 11% во Струмица.
Во анализираниот период најмногу продажби на куќи, 30, имало на територијата на Општина Битола, по 20 се продадени во Кичево и во Карпош, по 15 во Охрид и Куманово.
Фото: Pexels