Воведување стандардизација во такси превозот ќе ја смени сликата во туристичките центри, смета претседателот на Асоцијацијата на хотелиери на Македонија, Крсте Блажески.
Такси превозот, според него, треба да биде регулиран, да се исцртаат местата за паркирање на возилата, да се униформираат и да не се создава непотребна гужва.
“Глетката на влезот во Охрид кај пазарот е секогаш со 100 такси возила и се создава непотребна гужва. Истото се случува и во Струга, но и во други места. Тие пак би ги давале услугите, но да има ред”, истакна Блажески, јавува Миа.
Смета дека треба да има одредено место за паркирање такси возила, кои преку такси станиците ќе добиваат бројчиња и на станицата ќе има не повеќе од 10-20 возила во еден момент. Првиот човек на ХОТАМ посочува дека треба да се постават ценовници на видни места кои ќе важат еднакво за сите, како во такси превозот, така и кај педалинките и кајчињата.
Стандардизација, како што подвлече, треба да се воведе и во сместувачките капацитети.