Од први овој месец стапи на сила Законот за финансиска дисциплина со што ќе се уредуваат должничко- доверителските односи меѓу компаниите, како и плаќањата меѓу приватниот и јавниот сектор.
Должничката криза што ја зафати Европската унија, најголем трговски партнер на Македонија, се рефлектираше и врз финансиската кондиција на домашните компании, особено во делот на навремено исплаќање на обврските.
Новото законско решение предвидува соодветна глоба за непочитување на роковите за наплата, што меѓу стопанствениците е еден од најголемите проблеми за нормално одвивање на економските текови на нивните компании, без оглед на дејноста со која се занимаваат.
Законодавецот предвидува казна од 5.000 до 10.000 евра за компанија од приватниот сектор или јавно претпријатие доколку не ја исполни својата парична обврска во предвидениот рок. За трговците поединци казната за истиот прекршок е во висина од 1.500 до 3.000 евра. Казни се предвидуваат и за одговорните лица, а истите се во висина од 750 до 1.500 евра.
Главната цел на спроведувањето на овој закон се однесува на регулирање на обврските меѓу компаниите со рокови за плаќање на обврските за да се знае дека штом се потпише договорот обврската ќе треба да се реализира во рок од 60 дена, освен доколку двете страни не се договарат поинаку, а максималниот рок ќе биде 120 дена.
Законските одредби за јавните здравствени установи, јавните претпријатија, трговските друштва формирани од државата, општините, Фондот за здравствено осигурување, јавните здравствени установи, ќе се применуваат од 1 јануари 2016 година.
Од први мај, па сѐ до крајот на оваа година, како што стои во Законот, рокот за подмирување на паричните обврски не може да биде подолг од 120 дена, односно четири месеци. Веќе од први јануари до 31-ви декември следната година, рокот се поместува на 90 дена.