Старите бабини рецепти добија ново гурманско руво

91

Alijansa na gotvaci.jpg (v1)

Членовите и поддржувачите на македонската традиционална храна, под мотото Ако нешто не ти успева, јави се кај баба, во ресторанот Ореов лад во населбата Сарај, по шести пат, приготвуваа традиционални јадења. Настанот го организираат членовите на организацијата Слоу Фуд Водно.

“Целта е да ја промовираме традиционалната храна. Тоа го правиме на разни начини и преку различни проекти. Затоа, годинава го промовираме и проектот Конзервираме заедно од програмата Ерасмус+, а промовираме и неформална група готвачи кои се собираат заедно за да прераснат во Алијанса на готвачи. Ова е новиот проект на кој ќе работиме во иднина“, рече Василка Стефановска, лидер на конвивиумот Слоу Фуд Водно.

Според неа, готвачите од Алијансата со традиционални локални производи ќе креираат современи јадења и ќе ја промовираат здравата традиционална храна.

“Почнав како мијач на садови. Многу ме интересираа тревки и билки. Македонија е земја богата со зелен пазар и време е да се креира нова кујна. Моја крајна цел е здрава храна и подобри секојдневни навики, базирана на традицијата, со нови техники во готвењето и експлоатација на био диверзитетот“, вели Влатко Огненовски, кој 22 години готви низ целиот свет, а речиси три години е дел од Слоу Фуд Водно.

Традицијата ја следат и младите. Најмладиот член на Алијансата на готвачи, Борис Богданоски, има само 15 години. Тој добил шанса, во соработка со средното училиште Лазар Танев да го покаже и усоврши својот талент, односно да стане професионален готвач, кој ќе ја продолжи традицијата во македонското кулинарство.

Меѓу посетителите беше и Мирјана Ангелеска, која заедно со својот сопруг, прават домашни мармалади и сокови. Таа е дел од проектот Конзервираме заедно.

“Македонија е земја богата со многу суровини, на кои за жал, малку се мисли. Јас и сопругот правиме домашни мармалади и сокови, но тие не стигнуваат на пазарот, бидејќи луѓето ги купуваат уште од дома. Мало производство, но чисто и квалитетно. Кој еднаш пробал, пак се вратил“, објаснува Ангелеска.