Старо донеси, ново однеси – еко кампања за замена на неисправни за нови апарати

14

sl

Старо донеси, ново однеси гласи мотото на новата едномесечна кампања на Техномаркет и Нула Отпад. преку која ќе се даваат вредносни ваучери за старите, нефункционални електронски и електрични апарати од домаќинствата. Кампањата е во согласност со Законот за управување со електрична и електронска опрема, според кој електричниот и електронскиот отпад треба да се складира на соодветни места. Во спротивно, Законот предвидува казни од 60 евра за фрлање електронски отпад на несоодветно место.

„Со оваа кампања сакаме да дадеме придонес во зачувување на животната средина, овозможувајќи им на граѓаните да се ослободат од својот стар електричен и електронски отпад. За таа цел започнуваме со едномесечна кампања во која бесплатно ќе вршиме преземање на старите уреди, а истовремено и ќе подаруваме вредносни ваучери кои ќе може да се искористат во нашите салони. Како компанија чија примарна дејност е продажба на електрична и електронска опрема, свесни сме колку штета овој отпад може да предизвика и затоа отсекогаш сме биле одговорни во тој аспект, а кон нашата кампања се приклучија и познатите светски брендови Philips, Panasonic, Rowenta, Moulinex, Krups, Tefal, Bosch, Electrolux, NEO, Hansa, со тоа што на купувачите им нудат производи со супер еко цена. Се надеваме дека и граѓаните ќе нè поддржат во мисијата и ќе ја покажат својата грижа за животната средина“, изјави Александар Медарски, раководител на малопродажба во Техномаркет.

Еко кампањата Старо донеси, ново однеси е прва соработка помеѓу најголемиот ланец на продавници за бела техника, апарати за домаќинство и IT производи и друштвото за управување со електронски отпад, отпадни батерии и акумулатори. Заедничката цел е помагање и информирање на граѓаните за законските процедури и правила.

„Како Друштво за управување со отпадна електронска и електрична опрема и отпадни батерии и акумулатори, сакаме да го изразиме нашето задоволство и да ја потврдиме нашата подготвеност за учество во Акцијата за собирање на ОЕЕО „Старо донеси, ново однеси“. Особено нè радува ваквиот тип на директна деловна соработка со Техномаркет и спроведување на планирани активности со што го градиме системот на општествено одговорни компании и поединци со посебен осврт кон заштитата на животната средина. Нашата заедничка цел е да ги стимулираме позитивните вредности и да ги развиваме капацитетите за справување со опасниот отпад од современото технолошко општество. Нула Отпад останува отворен за секаков тип на соработки што имаат позитивно влијание врз пошироката заедница”, изјави Марјанчо Дамески, управител на Нула Отпад.

Акцијата за предавање на електронскиот и електричен отпад ќе се одвива од 15 април до 15 мај, а собраниот износ од добиените ваучери ќе може да се искористи за купување на нов производ од продажните салони на Техномаркет во текот на следните 30 дена, од подигнување на ваучерот. Сите заинтересирани граѓани што сакаат да го остават својот електронски и електричен отпад и да добијат вредносни ваучери за купување нов, ќе можат тоа да го направат уште од денеска со вртење на телефонскиот број 072 272-150, или пак со пополнување на апликацијата што се наоѓа на веб страницата на Техномаркет или во кој било продажен салон на компанијата, со помош на вработените. Вредноста на ваучерите за предадените апарати е направена во согласност со ценовникот кој ќе биде објавен на веб страницата на Техномаркет, www.technomarket.com.mk.