Стартап Македонија ги идентификува недостатоците во македонскиот стартап екосистем

26

На прес конференцијата одржана во Скопје беа презентирани резултатите од истражувањето за состојбата на стартап екосистемот во Македонија, спроведено од Стартап Македонија, со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

За целите на истражувањето, од јануари до април 2018 година беа интервјуирани 65 стартап компании и 20 организации за поддршка на стартапи (инкубатори, акцелератори, тренинг центри,  итн.), како главните чинители во стартап екосистемот. Главните проблеми кои беа идентификувани со истражувањето се ниската ефективност на услугите кои компаниите го добиваат од организациите за поддршка на стартапи, јазот во потребите на компаниите и услугите кои организациите ги нудат, недостатокот на заедничка развојна рамка и недоволната соработка меѓу чинителите во екосистемот.

За илустрација на јазот меѓу побарувачката и понудата на услуги, истражувањето покажа дека додека 75% од стартап компаниите имаат недостаток од знаења во областа на продажба, само 35% од организациите нудат ваков вид на поддршка. Понатаму, 80% од организациите нудат менторски услуги, што пак го бараат само 11% од стартап компаниите.

Во однос на спремноста за инвестиции, организациите за поддршка ги оценуваат стартап компаниите 2,25 од 5, што означува ниска спремност која е дополнително поддржано од податокот дека 66% од организациите го идентификуваат финасирањето како главен предизвик за раст на нивниот бизнис. 50% од стартап компаниите сметаат дека нема доволно соработка во рамките на екосистемот, додека пак 80% од организациите на поддршка нудат услуги за ,,вмрежување и соработка”.

Целосното истражување е достапно на startupmacedonia.mk/ecosystem-research-2018.