Стартува „училишната кошничка“ – поевтин школски прибор од 15 август

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши денеска ја промовираше „училишната кошничка“ што вчера ја донесе Владата. Мерката која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година, предвидува намалување на цените на школскиот прибор за најмалку 10 отсто во трговијата на големо и 15 проценти во трговијата на мало.

Како што соопшти Дурмиши на прес-конференција, мерката важи за сите видови продавници кои продаваат училишен прибор –  книжарници, супермаркети, спортски продавници, а опфаќа широк спектар производи: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали.

Секој производ што ќе биде опфатен, напомена Дурмиши, ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во сите продавници ќе биде поставен плакат со информации за мерката, за потрошувачите да имаат целосна и транспарентна слика.

Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесени производи. Тоа значи дека намалувањето е реално, проверливо и фер – и за потрошувачите и за трговците, појасни министерот.

-Веруваме дека образованието треба да биде еднакво достапно за сите без оглед на семејниот приход. Затоа, заедно со Владата, преземаме мерки што овозможуваат секое дете да почне со училишните обврски под еднакви услови, а родителите да почувствуваат конкретно олеснување, рече Дурмиши.

Според него, кошничката е насочена кон заштита на семејниот буџет пред почетокот на новата учебна година.

-Продолжуваме со следење на состојбите на терен, анализи и дискусии за нови мерки, секогаш водени од интересот на граѓаните. Образованието треба да почне со насмевка, а ние сме тука да помогнеме тоа навистина да се случи, рече министерот Дурмиши.