Статистика: Отворени 6.877, а затворени 6.249 фирми во 2015 година

25

butik-zakacalki-pexels

Фото: Pexels

Во 2015 година се регистрирани 6.877 новосоздадени претпријатија што претставува 10,3% од вкупно активните претпријатија во Република Македонија. Прелиминарните податоци за згаснатите претпријатија, покажуваат дека во 2015 година згаснале 9,3%, односно 6.249 од вкупниот број на претпријатија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори на дејност, најголем дел од новосоздадените претпријатија (30,7%) се во секторот Трговија на големо и на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а потоа следат секторите Преработувачка индустрија со 12,2%, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна со 11,5%, и Други услужни дејности со 9,5%.

Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија, според правната форма, покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (70,1%), иако и кај нив е забележано намалување од 4,8% во однос на претходната година.

Најголем дел од згаснатите претпријатија (35,7%) припаѓаат на секторот Трговија на големо и на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма, најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.

Вкупно 32,7% од новосоздадените претпријатија во 2010 година сè уште биле активни во 2015 година. Најголема стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија кои припаѓаат на секторот Дејности на здравствена и социјална заштита (72,5%), а од областа на бизнис економијата – Стручни, научни и технички дејности (54,2%).

Во 2015 година биле активни 40,8% од новосоздадените претпријатија во 2011 година, 43,6 % од новосоздадените во 2012 година, 67,2% од новосоздадените во 2013 и 81,3% од новосоздадените во 2014. Притоа, најголема стапка на преживување имале новосоздадените претпријатија од секторот Финансиски дејности и дејности на осигурување (во 2011 и 2014 година), односно од секторот Стручни, научни и технички дејности (2012 год.), додека кај новосоздадените претпријатија во 2013 година, тоа се претпријатијата од секторот Образование.