Статистика: Во Македонија има 18.266 продавници и 483 бензински станици

36

Во Република Македонија вкупно се попишани 18.749 продажни капацитети во трговијата на мало. Од тоа, 18.266 се продавници (сите видови) и 483 се бензински станици, покажуваат податоците од пописот на капацитетите во трговијата на мало, што беше спроведе од први до 12 ноември 2016 година.

Најголема концентрација на продажни капацитети (сите видови продавници и бензински станици) има на територијата на Скопскиот регион, 23,8%.

Гледано по општини, најголема концентрација има во: Тетово 8,1%, Куманово 6,9%, Битола 6,1%, Прилеп 5,4%, Центар 5,3%, Струмица 4,4%, Гостивар 4%, Чаир 3,9%, Охрид 3,8%, Велес 3,4% и Струга 3,3%.

На територијата на овие општини се концентрирани повеќе од половина од продажните капацитети во трговијата на мало, односно 54,6%.

Целта на Пописот беше да се обезбедат податоци на ниво на целата земја за бројната состојба на продавниците на мало, видот на продавниците по видови продажба, трговската струка на продавниците, големината на продажниот простор, прирачниот магацин и бројната состојба на работниците.