Во текот на изминатата недела групацијата Stellantis најави стратешко партнерство со компанијата Foxconn, а сега пристигна објаснување што точно истото претставува
Кога првично Stellantis ја најави својата соработка со Foxconn, многумина помислија дека резултат на сето тоа ќе бидат нови електрични возила. Сепак, сега ситуацијата е разјаснета, а целта на соработката и партнерството на двете компании е насочена кон технологијата.
Конкретно, двете компании потпишаа необврзувачки меморандум за разбирање со цел да создадат заеднички потфат наречен Mobile Drive. Компаниите ќе имаат еднакви гласачки права во новиот ентитет, кој е насочен кон „забрзување на развојот за донесување на иновативни вградени кориснички искуства овозможени од напредни електронски уреди, HMI интерфејси и услуги кои ќе ги надминат очекувањата на клиентите“.
Компаниите исто така истакнуваат дека Mobile Drive ќе го комбинира дизајнот и инженерската експертиза на Stellantis, со долгото искуство на Foxconn со паметните телефони и електронските уреди. Тие ветуваат дека ќе “донесат нови можности за информации забава во автомобилите, конектирани надвор и внатре од автомобилите во кои се инсталирани“.
Mobile Drive ќе биде базиран во Холандија и ќе функционира како автомобилски добавувач. Ова е интересно бидејќи значи дека нивните производи не мора да бидат ограничени за Stellantis возилата. Сепак, останува да се види дали останатите производители ќе бидат заинтересирани да ја користат оваа технологија.
Во моментов нема никакви спецификации, но компаниите велат дека Mobile Drive ќе се фокусира на “развојот на инфозабавата, телематиката и клауд услугите, а софтверските иновации се очекува да вклучуваат апликации базирани на вештачка интелигенција 5G комуникација, унапредени безжични услуги, можности за е-трговија и паметни кокпит интеграции“.
Преземено од: Avtoplus.mk