Стевкова-Штериева: Нема простор за споредба на Банката на Силиконската долина со која било македонска банка

74

SVB Financial Group е првата банка која доживеа неуспех по 2008 година, а знаејќи дека истата е 16-та по ред рангирана банка во САД предизвикува интерес во јавноста. Имајќи во предвид дека оваа банка согласно стандардите на САД има третман на регионална банка која не е системски значајна, регулаторните органи одлучиле да не ја спасуваат и отвориле стечајна постапка, изјави во разговор за „Локално“ главниот финасиски директор и член на управниот одбор на Комерцијална банка, Маја Стевкова-Штериеваза банкротот на Банката на Силиконската долина.

Посочува дека заклучно со декември 2022 година, банката имала исклучитело ризично кредитно портфолио во кое 56% од кредитите биле одобрени на друштва за управување со ризични фондови (venture capital) и приватни фондови (private equity) , што се практично необезбедени кредити , 24% биле кредити одобрени на технолошки и фармацевтски компании во развој, 9% во стартапи во најраните фаза на развој, односно во рана и почетна фаза на стартап (early and growth stage startup) и минимално во други изложености.

-Истовремено голем дел од активата била во хартии од вредност со фиксни каматни стапки пониски од актуелните на пазарот, класифицирани во категоријата расположиви за продажба, кои задолжително се превреднуваат, и во услови на растечки каматни стапки тие генерираат нереализирани загуби. Во конкретниот случај истите биле продадени со загуба и се сметаат за катализарот на влошената состојба, оценува Стевкова-Штериева.

Според неа, склопот на вакви околности довеле до ситуација регулаторните органи да отворат стечајна постапка, која пак поради сеќавањата кај граѓаните на случувањата од кризата во 2007-2008 година предизвикува такво внимание, одлив на депозити и несигурност кон идните случувања во банкарскиот сектор.

Во однос на стабилноста на банкарскиот систем во земјата, таа информира дека нема простор за споредба на Банката на Силиконската долина со која било македонска банка.

-Имајќи ја во предвид поставеноста на банкарскиот систем во нашата земја, неговата висока капитализираност, ликвидноста која е соодветна, како и деловниот модел на функционирање (депозитната база на банките vs пласманите) и диверзифицираноста на истиот, како и нискиот степен на изложеност на македонските банки кон нерезиденти (ниска изложеност кон странски субјекти/вложувања во хартии од вредност издадени од нерезиденти), банкарскиот сектор во нашата земја нема место за споредба на која и да био македонска банка со споменатата банка во САД, а што се однесува до банкарскиот систем може да се каже дека во моментот е стабилен и во следниот период ќе продолжи во таа насока, одговарајќи соодветно на предизвиците, во интерес на сите граѓани, анализира Стевкова-Штериева.