Стимулативни мерки за афирмирање на примарниот пазар на хартии од вредност

39

Фото: Pixabay

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) за оваа година утврди сет стимулативни мерки за афирмација на примарниот пазар на хартии од вредност. Воведен е промотивен концепт 0 денари административни трошоци за иницијалната јавна понуда или со други зборови, друштвата се ослободени од надоместокот што досега ѝ го плаќаа на Комисијата, а тим на КХВ е достапен за помош при подготовка на проспектите и другата потребна документација, со што е олеснет патот до иницијалната јавна понуда.

Исто така, Берзата и Депозитарот ја прифатија и ја поддржаа Иницијативата од КХВ со која се предлагаше воведување на 0 денари административни трошоци за иницијална јавна понуда.

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) одобри две јавни емисии и тоа на Вардар АД Градско и на Црвени Брегови АД увоз – извоз С. Црвени брегови Неготино. Со ова, двете друштва за прв пат се отвораат пред широката инвеститорска  јавност.

Поконкретно, Друштвото за производство и промет со земјоделски и сточарски производи Вардар АД Градско со  втората емисија ќе издаде 1.265.423 обични акции со продажна цена по акција од 315 денари, а Акционерското друштво за земјоделско производство и трговија Црвени Брегови АД увоз-извоз С. Црвени Брегови Неготино 56.177 обични акции со продажна цена од 3.145 денари.

Вкупната вредност на двете емисии е 575.284.935 денари или 9.355.048 евра, што значи дека се зголемува  берзанскиот материјал за тргување.

Инаку, при запишување и распределба ќе се применува моделот на фиксна цена со примена на принципот на приоритет на поголема количина и порано време на внес на налогот во БЕСТ системот. И двете јавни понуди ќе се сметаат за успешни, доколку се запишат и уплатат најмалку 60% од понудените акции.

Комисијата за хартии од вредност ги охрабрува друштвата да го користат пазарот на капитал како извор на финансирање на  нивното работење и во иднина  е подготвена  за поддршка и помош во процесот на отворање за јавност односно издавање хартии од вредност по пат на јавна понуда.