СТО ги зголемува прогнозите за раст на глобалната трговија

26

Светската трговска организација (СТО) ги зголеми прогнозите за раст на глобалната трговија со стоки за оваа и 2022 година, но предупреди на нерамномерно закрепнување и негативни ризици поради пандемијата Ковид-19 и проблемите во синџирот на снабдување.

Глобалниот трговски регулатор објави денеска дека предвидува зголемување на трговската размена за 10,8 проценти оваа година по падот од 5,3 проценти во 2020 година, пренесува Ројтерс.

Во март годинава, СТО прогнозираше раст од 8,0 проценти за тековната година. Трговското тело со седиште во Женева, исто така, процени дека глобалниот раст на трговијата ќе забави до 4,7 проценти во 2022 година.