СТО: Закрепнувањето на воздушниот сообраќај ја зајакнува светската трговија со услуги

31

Светската трговија со услуги порасна на почетокот на вториот квартал, поттикната од закрепнувањето на патничкиот воздушен транспорт од пандемискиот шок, објави Светската трговска организација (СТО).

Индексот за мерење на размената на услуги изнесува  105,5 поени во април и беше три поени повисок од септември минатата година, што сигнализира дека официјалната статистика за вториот квартал веројатно ќе покаже континуиран раст на трговијата, се вели во извештајот на СТО.

Вредностите од повеќе од 100 поени покажуваат побрз раст од долгорочниот тренд.

„Барометарот на трговијата со услуги расте посилен од показателите за трговија и може да покаже закрепнување од пандемиската криза и враќање на фокусот на потрошувачката од стоки на услуги“, посочуваат во СТО.

Најмногу порасна на почетокот на вториот квартал индексот на воздушниот патнички превоз кој надмина 117 поени, но добар резултат покажуваат и индексите на менаџери за набавки на услуги и активности во секторот информатичко-комуникациска технологија.

„Трговијата со финансиски услуги неодамна малку забави, можеби поради санкциите против Русија поврзани со конфликтот во Украина“, шпекулира СТО.

Индексите на товарниот транспорт со контејнери и градежните услуги останаа малку над долгорочниот тренд.

„Индексот на активност во трговијата со услуги расте од почетокот на пандемијата во вториот квартал од 2020 година. Во последните три месеци од минатата година забележа раст од 15,6 отсто, иако сепак беше за 8,9 отсто помал од истата предпандемија 2019 година“, соопшти СТО.