Стопанска банка Битола со загуба од 16,9 милиони денари во првиот квартал

36

Стопанска банка Битола, во периодот јануари – март оваа година, оствари загуба во висина од 16.910.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во првите три месеци од минатата година, загубата на банката беше 25.746.000 денари.

“Како резултат на остварувањата во приходните и расходните позиции, финансискиот резултат за периодот од 01.01.2020 до 31.03.2020 е негативен и изнесува 16,91 милион денари. Ваквиот резултат е подобар за 34,32% споредено со истиот период од минатата година, а тоа е особено значајно имајќи предвид дека работењето на банката во првиот квартал од тековната година се одвива во услови на вонредна состојба, кога се применуваат мерки и активности што директно ги погодуваат субјектите во економијата“, стои во Образложението кон остварениот финансиски резултат.

Нето приходите од камати во пресметковниот период изнесуваа 67,05 милиони денари. Во услови на намалена кредитна активност, на којашто, како што се наведува, во голема мера влијае настанатата ситуација со вирусот Ковид-19, приходите од камати се пониски за 7,44% споредено со првиот квартал од минатата година.

Нето приходите од провизии и надоместоци се повисоки за 30,01% споредено со претходната година. Притоа, како што стои во Образложението, подинамичен раст имаа приходите од провизии и надоместоци, коишто се зголемија за 28,33% споредено со остварените приходи од провизии и надоместоци во периодот 01.01.2020 – 31.03.2020, додека расходите пораснаа за 24,73%.

Фото: Freeimages