
Македонска берза известува дека донесен е заклучок за внесување на издавачот Стопанска Банка АД Битола на „Листата за набљудување“ што се објавува на веб страница на Берзата, согласно член 61-а од Правилата за котација.
Внесување на друштвото Стопанска Банка АД Битола на „Листата за набљудување“ е со цел за обрнување на внимание на инвеститорската јавност поради објавената намера за давање понуда за преземање на друштвото.
На почеток на месецов Комерцијална банка АД Скопје, застапувана од Управниот одбор, извести дека има намера да даде понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка А.Д. Битола.
Инаку во април Комерцијална банка АД Скопје ја извести јавноста дека Надзорниот одбор на Банката на 25.04.2024 година донесе Одлука за спроведување постапка на длабинска анализа на целокупното работење на Стопанска банка АД Битола со цел да се дефинира намера за присоединување на Стопанска банка АД Битола кон Комерцијална банка АД Скопје.











