Стопанска банка организира бесплатни обуки за електронска трговија

22

stopanska banka

Со цел промоција на онлајн купувањето (e-commerce) и информирање за бројните негови придобивки, Стопанска банка АД – Скопје во соработка со интернет порталот tc.mk во текот на следниот период ќе организира неколку бесплатни сесии на обука за правните лица заинтересирани да се здобијат со знаење и вештини за продажба на производи и услуги на интернет.

Електронската трговија, односно купувањето на интернет со платежна картичка претставува растечки тренд насекаде во светот, што во последните неколку години се пренесе и кај нас, достигнувајќи троцифрена стапка на годишен раст од година во година. Од ден на ден сè поголем е бројот на компании во Македонија што одлучуваат да ги прошират своите продажни активности преку отворање на интернет продавница каде преку попусти или бесплатна достава ги привлекуваат купувачите. Во текот на 2014 година, обемот на електронската трговија во Македонија за прв пат надмина 10 милиони евра на годишно ниво, а податоците од оваа година покажуваат дека во текот на 2015 година веројатно е повторно удвојување на овој промет.

“Картичките на Стопанска банка се единствени на пазарот во нашата држава што ги поседуваат меѓународно познатите сертификати за безбедно купување (Verified by Visa & MasterCard SecureCode), а оваа година купувањето на интернет очекуваме да надмине 10% од вкупниот промет во трговија направен со нашите платежни картички. Со бесплатните обуките за електронска трговија, што започнуваат од следната недела, настојуваме уште повеќе да придонесеме не само за проширување на понудата на електронска трговија за нашите клиенти, каде Стопанска банка е позната по понудата на најдобри услови, туку и со едуцирањето на компаниите за активно користење на современите алатки за дигитален маркетинг и промоција за што свој придонес ќе даде компанијата Акота со своето повеќегодишно искуство во оваа област. Сите компании или поединци заинтересирани за електронска трговија, своето учество на бесплатните обуки за електронска трговија, потребно е да ги најават на e-mail: i-bankstore@stb.com.mk или тел. 02/ 3295 286, а обуките ќе се организираат во просторите на i-bank store филијалата во центарот на Скопје“, изјави Стефан Пепоски, директор на Дирекцијата за управување со картични производи на Стопанска банка.

“Со навлегувањето на дигиталните комуникациски уреди во секојдневието и брзата експанзија на решенијата за е – трговија и интернет маркетинг во деловниот свет, прилагодувањето и искористувањето на тие нови можности е со стратешко значење за опстанокот и развојот на компаниите. Потребно е компаниите да се стекнат со разбирање на трендовите, како тие влијаат врз нивниот бизнис и за процесот со кој можат да ги имплементираат и искористат во своето работење. Со цел да го подигнеме нивото на свесност за овие новини, заедно со Стопанска Банка АД Скопје организираме циклус бесплатни обуки за стопанството. Како компанија пионер во областа на консултантски услуги и решенија за е – трговија и интернет маркетинг, со задоволство ќе го понудиме нашето знаење и искуство во текот на обуките на различни теми поврзани со е -трговијата и интернет маркетингот“, изјави Александар Тасев, директор на компанијата Акота.