Стопанска банка за три месеци прокнижи добивка од 509,6 милиони денари

74

За Стопанска банка АД Скопје првиот квартал од оваа година заврши со добивка во висина од 509.679.000 денари, покажува неревидираниот биланс на успех за период од први јануари до 31-ви март годинава.

Истиот период минатата година, добивката на банката беше 546.088.000 денари.

“Во првиот квартал од 2021 година, во текот на кој кризата предизвикана од ковид-19 сè уште интензивно трае, Банката оствари добивка пред оданочување во износ од 566.310.000 денари. Во споредба со истиот период од претходната година, кој доминантно може да се карактеризира како период пред Ковид-19, се забележува намалување од 7%, што е последица на пандемијата и, пред сè, резултат на прудентниот пристап на Банката и на повисоката исправка на вредноста за кредитното портфолио во однос на истиот период од минатата година“, стои во Анализата на финансиските резултати на Стопанска банка за период од први јануари до 31-ви март оваа година.

Нето-приходите од камати изнесуваат 918.985.000 денари и, како што се наведува, се незначително намалени, за 1%, во однос на истиот период од минатата година, пред сè како резултат на намалените каматни стапки. Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 203.390.000 денари и се зголемени за 9% во однос на првиот квартал од 2020 година. Нето-приходите од курсни разлики се речиси на исто ниво во однос на истиот период од минатата година и изнесуваат 29.850.000 денари.

Фото: Facebook