“Стопена“ листата на милијардери на Forbes

60

Ниту најбогатите луѓе на планетата не се имуни на коронавирусот. Магазинот Forbes, согласно податоците на 18-ти март, ја финализираше листата на најбогати за оваа година. Свое место на листата се најдоа 2.095 милијардери или 58 помалку во однос на претходната година и 226 помалку само 12 дена претходно, кога иницијално беше искалкулирано нивното нето богатство. Од милијардерите, според Forbes, 51% од нив се “посиромашни“ одошто биле претходната година.

Вкупното богатство на најбогатите е проценето на осум илјади милијарди долари, односно 700 милијарди долари помалку во однос на 2019-та година.

Џеф Безос останува најбогат човек на планетата веќе трета година по ред, и покрај тоа што од своето богатство ѝ даде 36 милијарди долари на неговата поранешна сопруга Мекензи Безос, по разводот минатото лето. Неговото нето богатство е 113 милијарди долари.

Втор најбогат во светот останува основачот на Microsoft, Бил Гејтс, а зад него се најде Бернард Арно.

Кога станува збор за најбогатите жени во светот, најбогата е Али Валтон, благодарение на Walmart. Таа е деветта најбогата во светот со проценето богатство од 54,4 милијарди долари. Вкупно 241 жена се најде на листата на милијардери на Forbes, а седум од нив го делат своето богатство со сопруг, брат, сестра или дете.

Најголем скок на својата сметка оваа година е забележано кај Кин Јинглин, одгледувач на свињи. Тој е 43-ти најбогат човек, на чие конто се додадоа 14,2 милијарди долари повеќе во однос на 2019-та година.

Меѓу оние кои оваа година ги нема на листата, од 267 лица, се најде Адам Неуман, основач на WeWork. Вкупно 21 од богаташите кои лани биле на оваа листа, во меѓувреме, починале.

Новодојденци на овогодишната листа има вкупно 278 од 20 земји во светот.

Фото: Pixabay