Странците инвестирале 70 милиони евра во недвижности во Црна Гора за два месеци

Странците инвестирале 70,23 милиони евра во недвижности во Црна Гора во првите два месеци од 2025 година, покажуваат прелиминарните податоци од Централната банка на Црна Гора (CBCG).

Вкупниот прилив на странски директни инвестиции (СДИ) изнесуваше 137,42 милиони евра, што претставува пад од 7,8 проценти во споредба со истиот период минатата година, според билтенот на CBCG.

Нето-приливот, кој претставува разлика помеѓу вкупните инвестиции и одливот на капитал од земјата, изнесуваше 77,83 милиони евра, односно 8,34 проценти помалку во споредба со првите два месеци од 2024 година.

Од вкупниот износ на странски директни инвестиции, инвестициите во акции учествуваа со 85,95 милиони евра или 62,55 проценти. Во рамките на тој сегмент, дури 70,23 милиони евра се потрошени за купување недвижности, додека 15,72 милиони се инвестирани во црногорски компании и банки.

Инвестициите во форма на меѓукомпаниски долг изнесуваа 47,93 милиони евра, што е намалување од 12,75 проценти во споредба со претходната година. Останатите 2,58 проценти се однесуваат на други форми на инвестиции.

Во истиот период, од Црна Гора се одлеале вкупно 59,59 милиони евра, од кои жителите инвестирале 19,19 милиони евра во странство, додека странските инвеститори повлекле 40,4 милиони евра од постојните инвестиции во земјата.

Најголемиот дел од странските инвестиции сè уште припаѓа на секторот за недвижности, што го потврдува продолжувањето на трендот на Црна Гора како привлечна дестинација за инвеститорите кои инвестираат во луксузни станови, туристички објекти и земјиште.