Странски компании заинтересирани за инвестирање ќе ја посетат Македонија

16

invest-in-macedonia_10Во наредните две до три недели, претставници од неколку странски компании ќе престојуваат во посета на Македонија, на поконкретни разговори пред донесување на конечна одлука за инвестирање.

“До средината на март очекуваме поконкретни средби со компании кои се пред донесување одлука за инвестирање во Македонија. Станува збор за компании од автомобилската индустрија, електрониката, чевларската индустрија од Америка, Западна Европа,Турција и Јапонија”, изјави директорот на Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Тим од Владата предводен од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, минатата недела ги претстави можностите за инвестирање пред бизнис секторот во Украина. Мизо, кој беше дел од делегацијата, изјави дека можностите се претставени пред 200 компании, а поконкретен интерес пројавиле компании од областа на туризмот, експлоатација на минерални суровини, градежништвото, машинското производство, како и извозот на земјоделски производи.

Меѓу најавените дестинации каде Владата ќе ги презентира можностите за инвестирање во Македонија е и Јужна Америка.