Странските инвеститори ги анализираат ефектите од глобалниот минимален данок и примената во државава

21

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија ги анализира ефектите од глобалниот минимален данок од 15 проценти што се применува од 1 јануари на глобално ниво врз работењето на странските компании во државава кои ќе треба да плаќаат дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат. Државава сè уште не е прилагодена кон овој данок, а првите плаќања за годинава по тој основ странските компании би ги имале во 2026 година.

За членките на Советот денеска во Стопанската комора се одржа презентација на тема „Ефектите од глобалниот минимален данок врз добивките на компаниите во Северна Македонија“, во соработка со ПрајсвотерсхаусКуперс (PwC Северна Македонија).

Претседателот на Советот на странски инветитори Виктор Мизо очекува да се утврдат идеи и предлози што ќе се изнесат пред креаторите на политиките по изборите за прилоагодувањето кон оваа новина.

Како Совет на странски инвеститори заедно со Прајсвотерхаус куперс организираме разговор како глобалниот минимален данок од 15 проценти кој беше донесен на иницијатива на ОЕЦД а државава го прифати пред две години ќе има влијание врз големите мултинационални компании кои работат во државава и имаат консолидирана добивка од над 750 милиони евра и како тоа ќе влијае на нашите работења но истовремено и врз оданочувањето, како на локално, така и на ниво на државите од каде што потекнуваат компаниите, изјави Мизо.

Советот уште минатата година ја покренал оваа дискусија со економскиот тим на Владата и како што рече Мизо, иако тогаш им било кажано дека ќе има барем некаков транзициски период во кој како држава нема да го воведуваме, сепак од 1 јануари годинава данокот е воведен на глобално ниво.

За голем број компании без разлика дали работат во или не во технолошко индустриските развојни зони, дали добиваат државна помош или не, ќе треба детално да се разгледаат сите ефекти како тоа ќе влијае. Зборуваме за бројка од над 50 компании кои доаѓаат од многу различни земји, од Северна Америка и од Европа, пред се, рече Мизо.

Со претставниците на PwC Северна Македонија ќе ги разгледаат сите можности и апликации и деталите врз основа на кои компаниите ќе треба да размислат како ќе работат во иднина.

Истовремено можеме да дадеме размислувања и предлози на кој начин потенцијално идните политики визави компании и државната помош и начинот на различни даночни ослободувања ќе треба потенцијално да се адаптираат за да имаме оптимално искористување овде, посочи Мизо.

Иако државава се уште не е адаптирана на данокот и останува рамниот данок од 10 проценти, Мизо рече дека ако ништо не се смени ќе треба да има доплаќање на дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат овие компании зависно од тоа дали тие добиваат или не државна помош. Разликата, појасни, може да биде целосно плаќање на 15 проценти или разликата помеѓу ефективниот данок кој се плаќа кај нас и до 15 проценти. Исплатата ќе биде во државите во странство каде што се лоцирани компаниите.

Прашан дали може дел од странските компании коишто работат кај нас во зоните да ја напуштат државава поради оваа дополнителна давачка, Мизо рече дека преку разговорите ќе се видат сите позитивни и негативни ефекти, но оти сите политики поврзани со бенифиците би требало да се адаптираат.

Истовремено ние како индивидуални компании да размислиме како треба да се поставиме, но и да дадеме некои препораки или идеи кон државата на кој начин потенцијално тие даночни политики, но истовремено сите политики поврзани со бенефиции би требало да се адаптираат за да има една неутралност и кон компаниите, но истовремено и за државата, бидејќи даночен одлив од државата исто така не е нешто што е позитивно за никого, укажа Мизо.

Тој смета дека после изборите наесен треба да се разговара со креаторите на политиките за да се види како ќе се адаптираме како држава.

Ги дефинираме сега сите овие работи и потоа врз основа на овој разговор, врз основа на идеите тоа би ги презентирале до сите креатори на политиките што и како треба да се направи, бидејќи јас сметам дека можеби треба да се размислува ова да се направи после изборите некаде оваа есен за да видиме како ќе се адаптираме како држава, рече Мизо.

Мирослав Мирчев од PwC Северна Македонија најави дека пред компаниите ќе ги претстават комплексните правила за да можат да се подготват за нивна примена

Во рамки на дискусијата очекувам да се размислува и да се формулира што може да се прави поврзано со фискалните аспекти, со економската политика – секоја компанија сама може да размисли за импликациите и потоа да реши како да постапува – здружено, сама, дали сака да зборува со некој или чисто да биде подготвена за усогласување на плаќањето, рече Мирчев.