Советот на Народната банка денеска одржа редовна седница на која ги донесе Стратегискиот план и Програмата на истражувачката активност на централната банка за периодот 2020 – 2022 година.
Стратегискиот план за следниот тригодишен период содржи единаесет стратегиски цели коишто јасно ја изразуваат определбата на Народната банка за одржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, како и определбата за одржување стабилен и сигурен банкарски систем, што е и основен предуслов за финансиска, а со тоа и за макроекономска стабилност и за остварувањето одржлив економски раст на земјава.
Имајќи го предвид динамичното и променливо окружување, во рамките на Стратегискиот план се разработени основните предизвици во работењето на централната банка, како и најважните точки на делување во наредниот тригодишен период. Меѓу другото, предвидени се и активности за развој на пазарот на платежни услуги, а одделно се и активностите и за натамошно обезбедување квалитетни статистички податоци, целосно усогласени со меѓународните и европските статистички стандарди. Преку одделна стратегиска цел се опфатени и активностите за подготовка на Народната банка за приклучување и членство во Европскиот систем на централни банки. Утврдените стратегиски цели се основа за изработка на плановите на организациските единици и програмата за работа на централната банка за следната година.
Со донесената Програма за истражувачка активност е предвидено и во периодот 2020 – 2022 година, истражувачката активност на Народната банка да биде насочена кон областите коишто се од значење за остварувањето на основните цели и задачи на централнобанкарското работење во земјава. Се очекува дека истражувањата предвидени за следниот тригодишен период ќе дадат поддршка во процесот на одлучување, како и ќе придонесат за поуспешно функционирање на Народната банка и за нејзина подготвеност за соочување со идните предизвици. Програмата меѓу другото предвидува проекти во доменот на монетарната политика, заемното делување меѓу основните макроекономски сектори, макроекономското моделирање, финансиската стабилност и останатите области сврзани со работата на Народната банка. Во неа е нагласено и значењето на новите статистики и зајакнувањето на постојните статистички бази за нови, продлабочени истражувања во доменот на економијата.
Заради натамошно унапредување на системите на деловните банки во земјава за управување со ризиците, Советот донесе и нова Одлука за методологијата за управување со ризиците, којашто ќе се применува од крајот на оваа година. При подготовката на новата одлука, меѓу другото, се земени предвид насоките на Европскиот банкарски орган за управувањето со банките, Базелските стандарди и принципи за корпоративно управување и препораките на мисијата ФСАП спроведена од заедничкиот тим на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Најзначајните новини коишто се воведуваат со Одлуката се однесуваат на зајакнување на барањата за ефикасно управување со ризиците, воведување обврска за банките да ја дефинираат и да ја следат интерната ликвидност и зајакнување на барањата за известување на Народната банка. На седницата беше истакнато дека се очекува дополнителен придонес од воведените новини за зголемување на стабилноста на банкарскиот систем, како и за прудентноста во неговото работење.
На седницата, Советот ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка, како и Одлуката за изменување на Одлуката за издавање дозвола и согласност за вршење услуга брз трансфер на пари.