Студенти од Ниш направија евтин робот што ќе се продава во Кина

18

robot-1797548_960_720

Фото: Pixabay

Во Центарот за роботика на факултетот за електроника во Ниш тим професори, студенти и соработници направија робот којшто ќе ги опслужува станарите во дом за стари лица во Кина. Роботот ќе носи лекови, апарат за притисок, а во себе има вградено и мини фрижидер. Корисникот или медицинскиот техничар ќе управува со роботот преку таблет или компјутер, пишува Блиц.

Изработката на роботот чини околу 1.000 евра, а ќе се продава по цена 1.500 евра. Направени се шест роботи, два се наоѓаат во Ниш, а четири во Швајцарија.

“Наша предност е што ние понудивме и направивме евтин и функционален робот. Лесно е да се направи скап робот, а ние направивме евтин робот што функционира. Пред една година создадовме робот што служи за следење на животната средина и самостојно се движи. Дел од таа технологија применивме и на овој робот. Понудивме најдобро решение и така во конкуренција со два кинески универзитети нè избраа нас“, вели професорот Горан С. Ѓорѓевиќ.

Владимир Сибиновиќ, кој работел на изработката на роботот, вели дека сè започнало во 2015 година кога почнала изработката на прототипот.

“Роботот е тестиран во рамки на факултетот и кај инвеститорот во Швајцарија. Идејата е да им служи на станарите во старечки дом во Кина и ќе го заменува медицинскиот персонал, кој не мора да оди од соба во соба да носи лекови, туку тоа ќе го прави роботот којшто ќе биде управуван од техничар“, вели Сибиновиќ.

Прототипот има акумулатор, а откако ќе ја заврши задачата самиот се враќа на полнач. Тимот вели дека нивна задача била да ја равијат технологијата, а финалниот производ ќе изгледа поинаку.